За сите оние кои сакаат да ја стоплат својата душа, можат да го сторат тоа со „Последниот чај“ прекрасно издание на македонската поетеса Винка Саздова.
Сите патишта се еден пат, патот на љубовта – вели Саздова.

... Во еден пресвртен миг од мојот живот, обидувајќи се да расчистам со минатото, го уништив дневникот од Индија. Всушност, ако добро подразмислам, тогаш уништив многу нешта. Писменца, прибелешки, безброј мигови заробени во зборови, во празнина меѓу зборови. Да, убаво се сеќавам дека опседната од новиот живот што се раѓаше пред мене, бев решена да расчистам со спомените. Си реков – “Ајде, гледај напред. Од спомени не се живее. Отпушти го, ослободи се од сиот товар од минатото и за сопствениот живот”.
Многу подоцна сватив, дека ослободувајќи се од товарот на спомените, го уништив и најдрагоцениот дел од себе. Ја фрлив во заборав мојата потрага по вистинското јас, се откажав од моите соништа, копнежи, доаѓања и заминувања. Всушност, воопшто немаше да се присетам дека сум го уништила дневникот од моето најдалечно духовно патување, ако многу години подоцна, со денови претурајќи во една иста фиока, не сватив оти го нема.Ги нема пораките од саканите, ниту трагите од солзи разлеани врз напишаното.
- „ Не е можно, вели еден дел во мене“ - оној што секогаш се надева и верува во чуда и среќни краеви.
- „Можно е, вели другата јас“. Онаа зајадливата, иронична нихилистка.
Уште додава со возгордеаност:
- „Не преправај се дека не се сеќаваш оти го фрли во кантата. Знам добро дека Индија не ти беше светла точка во животот“!
И додека двете се расправаат, претурам по цела куќа. Одново и одново барам. Не се предавам. Се надевам...
Значи, не требало да го има, си велам неколку дена подоцна, кога ми стивнува очајот и надежта. Се си има зошто. Ако го најдеше дневникот, ќе го прочиташе и толку. Пак ќе го заклучеше во фиоката. А вака, еве можност, тој свет одново да го оживееш низ себе. Пушти ги сеќавањата како јато ластовици нека излетаат на пролетниот ветар. Се што било, одново ќе биде. Изгубено е само она што веќе не живее во нашите спомени...
И тогаш кога решив да ја зборавам, мојата Индија почна да извира од мене. Како непоканети гости почнаат да доаѓаат глетки, звуци, мириси. Цела една приказна, за која не бев сосема сигурна дека тогаш и токму така и се случила. Дали навистина се случи тоа? Не знам, но знам дека е повистинито од вистината. Од животот, од смртта. Од љубовта. Смртта!? Ах, да! Заминав да се соочам со неа. Да ја засакам, како што би го засакала таинствениот љубовник во ноќта. Тивко, бесшумно, безимено. И прифаќајки ја неа, го возљубив животот...
Во оваа нига, со мал дел автобиографски моменти, поетесата длабоко понира во чувствата, говори за емоциите, стравовите за кои ретко кои се одлучува да проговори.
Читателите се фасцинирани од нејзината отвореност и книгата ја доживуваат како лекција од која може да се научи дека сите ние ги носиме истите нешта во себе – потребата за љубов, за блискост. Исти се и стравовите кои ги носиме, особено стравот од смртта. Затоа таа вели – зошто да не зборуваме за тоа, зошто сето тоа би го криеле во себе?
„Последниот чај“ всушност ги отвара нашите приказни. Не охрабрува да се соочиме со нив и да ги прифатиме тoкму такви какви што се, убави или грди, сеедно.