Околу 1 кгр грав посипуваме со вода и го ставаме да зоврие. Штом зоврие, првата вода ја исипуваме и повторно додаваме топла вода.
Го ставаме гравот да се вари. Во водата додаваме сол, исецкан кромид, црн пипер, магдонос. Оставаме да се вари 2 до 3 часа, се во зависност од видот и староста на гравот. Сварените зрна не смееме да дозволиме да се распаднат, пожелно е да останат цели.Вака сварениот грав го тргаме на страна.
Во меѓувреме на тивок оган пропржуваме ситно сецкан кромид во масло. Кон крајот на пржењето додаваме црвен пипер и вегета и со постојано мешање го пропржуваме уште малку.
Сварениот грав се става во тепсија или земјен сад, го додаваме пропржениот кромид. По потреба му додаваме уште малку сол и вегета и залеваме од водата во која претходно е варен, да го преплива. Можеме да додадеме и некоја сува пиперка за дополнителен вкус.Сето ова го ставаме во загреана рерна, водата да изврие и гравчето да се запече.
Доколку гравчето го спремаме во земјен сад, подобро да го ставиме во млака рерна, постепено да се загрева садот за да не дојде до негово напукнување.
Приготвувањето на храната во земјен сад е временски подолго, но вкусот на јадењето е поубаво.
Ова традиционално јадење, обично ги краси трпезите на нашите домови во петоците пред викенд или пак секоја посна слава.
Пред нас е еден таков ден, празникот Св.Никола.Се верува дека овој светец се смета за заштитник на морепловците,патниците и децата.

Одбележете го овој ден со сварено гравче, риба,посна сарма и баклава.
Нека ни е среќен и честит овој убав ден!