Lepota reci i govora - upoznajmo makedonski jezik Umetnost

Нашата душа - Оливера Станковска

Душата твоја
топол сон на галеб
во небесна шир раширен

и сноп сончева светлина
во првоте прплетни денови.

Душата моја
немирен бран на езерска вода,

бисер во школка
од морска плима
на крајбрежје исфрлен

и снегулка бела
сред небесен танц
на студен зимски ден.

Заедно, споени
нека бидат
една душа во два тела,

нека бидат
летни капки дождовни
жедната земја
со нив да се насладува.

majra 

Site Admin

Исти очи – Горјан Петревски

Дојде утрото. Ана порано се разбуди. Не можеше да спие. Во кујната ја чекаше појадок. А и мајка и и татко и беа веќе будни.

- Знаеш, Ана... – почна таткото. Ти порасна, веќе стана убава девојка и добра флејтистка...

- Ти си ни сета наша гордост и сета наша љубов – продолжи мајката. – Друга немаме.

- Вие како нешто да криете од мене?! – насети таа. – Нешто да не се случило?!

- Да, но нешто убаво ќерко, премногу убаво, да знаеш...

- Веќе си голема и можеме рамноправно да разговараме. Постојано ни се лутеше дека немаш брат или сестра, а ние мило мое....кај нас...

- Ние многу те сакаме – велеше таткото. – И јас и мама, многу,многу...

- И јас ве сакам, па што?! Тоа не ми го намалува правото да посакувам да имам брат или сестра, зар не?!

- А, што би рекла кога би дознала, да речеме, дека имаш брат?! – праша мајката.

Ана зачудено ги погледна.

- Ти си ни посвоено дете, најмила наша! – храбро изусти таткото.

- Некој те донесе пред врата, а ние ти се израдувавме. Ти ни дојде како најголема среќа! Ете! И те сакаме...

Таа занеме од изненадување. Очите и се наполнија со солзи, но тие не можеа да потечат. Изненадувачкиот момент не им даде да се растркалаат. Ана со неверување ги гледаше двајцата, а потоа се приближи до нив и силно ги гушна. Како да се исплаши да не и избегаат, да не ги загуби.

- Но, тоа не е се – рече мајката. На ред е она што беше твоја желба.

- Ана, за роденден ти подаруваме брат! Ти имаш брат близнак...Ангел! Тој ти е брат.

Пак молк, длабок молк.

- О, Боже! – Ана ги протре очите. – Сон или јаве?!

- Не, не е сон дете мое – изусти тој. Тоа го дознавме во клисурата...

Таа има брат! Ана и плачеше и се смееше. Тројцата плачеа. Таков момент на возбуда е невообичаен. Не само во текот на еден живот. Оној што толку многу го сака, а незнае да си протолкува зошто, се испостави дека е нејзин брат! Дали таа љубов беше струење на крвта?! А, што друго?! И се почна со поглед на случајна средба. Таа струја мора да се вика – иста крв.

Извадок од книгата „ Исти очи“ од Горјан Петрески.

http://www.odlican.com/d/13185-2/Isti+oci.jpg

Горјан Петревски (роден 1951 год. во с. Мренога, Демир Хисар). Се школувал во родното место. Гимназија завршил во Прилеп. Студирал на Филолошкиот факултет, група Југословенска книжевност во Скопје.

Десетина години работел како новинар во МТВ на програмата за деца, бил новинар и уредник на забавникот за млади „Наш свет“, одговорен уредник на списанието „Развигор“, а сега професионално е вработен како писател во „Просветно дело“Скопје, редакција „Детска радост“.

Ги напишал следните дела:

„Гороцвет“ – раскази, „Земјата од сонот“ – раскази, „Тажниот свирач“ – раскази, „Таткоовите солзи“ – раскази, „Задоцнети писма од Споменка“ – лирски записи, „Татковата прва љубов“ – поетско-прозни записи, „Пролетни дождови“ – сказни според народни мотиви, „Рано дојде љубовта“ – раскази.

Најголем дел од творештвото го пополнуваат неговите популарни романи: „Споменка“, „Марта“, „Снеговите на Клементина Евин“, „Далечна љубов“, „Исти очи“, „Вечниот ветар и „Сама“.

Неговите романи се обработуваат како редовна или дополнителна лектира во основните училишта.

niko650

Moderator

Дел од душата

Кога животот ја грицка душата,
како црвот зрелото јаболко

(однадвор румено, одвнатре труло),

воздивнувам тешко пред прашањето
кој дел од душата останува?

Дали оној што носи трулеж
и се населува во безживотно тело,
со скротени животни нагони
кое тлее и полека согорува
чекајќи го само одекот на црковните камбани

или

она мало но значајно парче
од кое сеуште извираат чудни сили,
кое во одекот на гласот
кој се прикрадува во длабоката тишина
се уште прелистува слики,
преслушува зборови недоречени,
болки непрежалени
и населува мигови
кога солзата се колеба
да го започне своето патување,
од аголот на окото,
низ браздите на лицето свенато
до аголот на жедните усни
да ги оживее до насмевка

за благи сеќавања
и топли спомени
незаборавени.

И со насмевка блага
тивко се запрашувам,

дали солзите ги лечат раните,
ги премиваат нивните траги
или се само одишка во еден момент?

http://www.odlican.com/d/9146-2/101_5101.jpg

од „Разговор со животот“ - Оливера Станковска

niko650

Moderator

Додека ја слушав тишината

Моментот кога желбата
не носи високо до облаците,
кога ни дозволува да ги допреме
недопрените звезди
и нереалноста да ја почувствуваме на себе,

можеби е најубав...

Тогаш живееме во светот
во кој имаме се,
во фантазијата
и не се соочуваме со реалноста...

Но храброста е таа
која ќе не доведе до целта,
ќе ни го избрише образот
за да не бакне реалноста,
да се соочиме со вистината,
да живееме во денешнината.

По трепетот на срцето
и чувствата на љубовта,
ја затварам вратата на храмот,
живеам во него сама,
надежта ми згаснува,
тишината се разгорува,
јас ја слушам - не е важно дали е со желба.

Минатото ме гушна,
тежината му ја чувствувам.
Но останувам будна без страв
и ја слушам тишината.

Кристина Стефановска
Крива Паланка, 2012 год.
од стихозбирката „Додека ја слушав тишината“

http://www.odlican.com/d/13366-2/DSCN2546.jpg

niko650

Moderator

Божилак

Стиховите мои
се како различни бои,
стих по стих напишано
секоја убавина испишано.

Ридовите споени
ко сложни браќа створени,
цвет до цвет нанижан,
шарен килим исткаан.

Виножитото,
круна на убавините,
круна на планините,
ја покрило сета тага.

Играта на ветрот
и капките на дождот
ме подсетија
на немирните ноќи поминати,
ме подсетија
на бесниот врисок на ладните солзи

и во тој момент,
сончевиот сјај светна
и со прегратка тивко ми шепна:
Божилакот е твој,
ти ја подарува иднината!

Од стихозбирката „Додека ја слушав тишината“
Кристина Стефановска

http://www.odlican.com/d/3874-4/vinozito.jpg

www.odlican.com/lidija/vinozito

niko650

Moderator

Мојата песна, мојот истрајвек

Засукани ракави над неуморни дланки
стокмени за утринска молитва
да би обезличени стравовите
по патот до онаму
кај од Бога, пресуда следи!

И, почнувам!

Најнапред
го сликам гласот на предците
страдални од црвјето нецрвјосано
и устремено кон сека зирка и прозирка
на мак црната, женска шамија,
излитена и побелена
од недоисплакани вистини!

Потем на перото неуморно
и тежно му ја одсликувам жедта
дур безглаво плива низ мастилото
разлеано на сите страни!

Веќе насликан и звукот
на продорен изгрев кон лаком залез што ита
од што страдалната, добра мисла
и низ свежата, стиховна зуница,
зашеметена од некротежни офноти!

Простете ми
што токму неа
ја врамив во истрајвек!..

http://www.odlican.com/d/12799-2/plemenitost.jpg

Од стихозбирката „Наспроти ветрот“ - Павлина Климкар Меанџиева

niko650

Moderator

Очи на темнината

Одејќи по патот
си помослив една желба,
зарем мора секогаш
да мислиме на разделба.

Одејќи по патот
го слушнав
жуборот на потокот
како да сакаше да прозбори
зборуваше, но не доволно јасно.

Одејќи по патот
ги видов
очите на мракот,
кои даваа знак за почеток
со голема надеж.

Тогаш застанав,
се свртев наоколу
и слушнав ехо
од каде разиграните шуми.

Траеше малку,
но значеше многу:
„Соништата ја создаваат иднината...“

http://www.odlican.com/d/11648-2/polzav.JPG

„Додека ја слушав тишината“
Кристина Стефановска

niko650

Moderator

Во право си! Доцнам, многу доцнам!

Знам.

Го сакаше ти она величење кога јас зборував за тебе со искра во очите.

Знам, ти сакаше кога ќе кажев колку сум среќна што си до мене и колку сум горда на тебе. Ама тоа ретко се случуваше. Многу ретко одбирав да ти кажам колку многу те сакам и посакувам. Можеби не требаше многу работи да ги направам така како што ги направив. Можеби и сега не требаше да го изговорам она: „Те сакам.“

Зошто тогаш немав храброст да ти кажам се како што сега можам? Зошто избирав да молчам? Знам, доцнам многу. Знам дека си во право. Ама, јас не доцнам со љубење, доцнам со зборовите кои никогаш не успеав да ги искажам. А не знам зошто...

И постојано се прашував, зошто секогаш кога сакав тоа да го изречам, како да имав кнедла во грлото. Те погледнував и молчев. А толку многу сакав да ти кажам дека ти си ми се. И во право си. Доцнам. Многу доцнам...

„ Се што премолчивме“ – Исидора Јакимовска,Крива Паланка, 2013

Нешто кое завршило за да започне како сознание, сопствен конфликт со емотивноста наведена како едно љубење, обид да се изгради цврста градба врз рушевините кои сами ги создаваме.

Илија Мерковски за книгата „Се што премолчивме“

Вечна колнатија на неостварена љубов, копнеж за единствениот негов поглед,...како сенки немирни пред мене зад мене, насекаде околу мене, да не знаеш која светлина да погледнеш, да се помолиш, која сенка да ја избришеш...Онаа на ноќите непреспиени, бесссони каде безизлезно бараш одговор на прашањето „зошто?“ надевајќи се дека новото утре и светлиот ден ќе го одвеат секој лош миг во заборав. Или она кога нештата ги доживуваш како дар од Бога, добрите како награда, а тешките како ненаучена лекција во животот, барајќи ја радоста во секоја солза и секој лош момент на чекор до остварување на сонот.

Себе предавајќи се низ ова емоотивно исповедање за сите нивни спомени, таа го воздигнува и воскреснува секое нејзино чувство, секоја нејзина потреба без покајание и храбро напред да се спаси она што може и што останало да се памети во мислите и да болува во срцето, затоа што како што вели Исидора еднаш се сака во животот – без граница.

А таа и покрај сите емотивни јазли испреплетени низ илјадници судбински јазли, како што се небројните чувства низ нејзините раскази проколнати на вечен заборав, таа ги крунисува со човечки победи и со срце кое докажува на секој кој ќе ја прочита оваа книга, дека зборовите некогаш се премалку за да ја опишат големата ромеовска љубов, но можеби доволни за се она што останало премолчено, на лист хартија кој ќе се вее низ времето и просторот како доказ за нејзината љубов.

Од срце, искрено за книгата „Се што премолчивме“ м-р Ана Кондоклоцис

http://www.odlican.com/d/14503-2/blizina.JPG

Slika: www.odlican.com/majra

niko650

Moderator

Круна на разденот

Како круна на разденот
нека пишува животот.
Зборовите се бркаат,
а мислите летаат,
илјада светлосни,
милион зборови.
Мозаик како сон
останува во душата
како скриено благо.
Животот на дланка,
судбина во рацете.
И нека се бркаат зборовите,
нека летаат мислите,
нека пишува животот
моја круна,
круна на разденот.

Од стихозбирката „Алка кованица“ Дарка Ѓорѓиевска
Куманово, 2013 год.

...„ Се поминува,младоста, копнежот или како што вели самата авторка: се е тага бисерна, а она што останува е резба на гради – филиграни на душа.

Но човекот никогаш не се предава. Надежта е како чекорење во иднина, она челичното во кревкоста. А зборот е тој кој ја оплеменува душата и го осмислува животот, раѓањето на песната, на книгата како сопствена скромна исповед пред светот. Збор кој се раѓа при откривање на оние невидливи и возвишени духовни патеки, во некоја рана зора, кога таа и мислата стануваат една душа. И тогаш, како во работилницата на некој мајстор на свој занает, челичното ехо одекнува, се слуша милоуст. Се раѓа песна. И наспроти мекоста и нежноста при изговор на тој збор, стои вредноста која ќе трае долго, долго во времето, како изработена алка – кованица.

Со своите зборови, поетесата остава порака како аманет до сите:

А ти, зачекори со перото, зачекори пред времето!

Наташа Радевска за стихозбирката „Алка кованица“

http://www.odlican.com/d/2826-4/Takic_jpg.jpg

www.odlican.com/v/shaporodiva/

niko650

Moderator

Кормило - Кристина Стефановска

Теорија од авторот

Драг читателу,

ќе ја прочиташ книгата и ќе речеш:

„Проклетство, колку ли животот му бил суров?“

Немој да грешиш! Јас само се обидував да бидам позитивна личност, јас само посакував да го средам недоразбирањето со сопствениот живот, ете толку и доволно, ништо повеќе не сакав. Ве молам веруваj ми, која и случка да ја запишував и опишував, го сакав животот, бидејќи животот е падни стани, животот е дарена љубов. Не можам да имам јас толку колку што имаш ти, ниту пак ти можеш да го имаш она што јас го имам. прифати! Доволно да прејдам на главното...

А што се случи тој ден...?

И јас незнам што се случи, затоа долго размислував дали да ти го дадам ова што тебе ти припаѓа. Еден ден кај мене дојде едно детенце кое носеше плик во раката. ми го даде и ми рече:

„ Ова ќе му го дадеш на батко Петре, нему му припаѓа, ти не отварај“.

Толку и си замина, незнаев какво писмо е и од каде е дојдено, некој го пратил за тебе. Еве повели, ќе прочиташ што има во него. Јас ќе влезам внатре.

Обичен бел плик, на него само примач, испраќач нема. Сигурно е нешто кое не е толку важно.Го оставив на страна писмото. После неколку недели, можеби две, три или повеќе погледот ми застана на писменцето и го отворив...

И кога мислиш дека се завршило и се надеваш дека животот ти понудил нова можност во која ќе можеш да го довршиш она што го посакуваш, како кокоче пробивно во снегот се појавува нов предизвик кој не дозволува твоите идеали да прераснат во посакуваното. Тоа е трагедијата на животот, тоа е она кое го уништува сопственото јас и не дозволува реализирање на фантазијата...

„Петар, вчерашната грешка нека ти биде учителка за утре, ова се само утешителни зборови за тебе, да ја заблажиш болката. Осудувањето на невиното лице без консултација за обвинението е неопростиво. Заборави ја мојата болка, која ти ми ја нанесе, замина некаде далеку од мене, се сокри од моите очи. Сигурно ме колнеше мене и денот кога се запознавме, го колнеше и детството, ги колнеше нашите денови. Признај!

А, јас ништо не сторив, јас никогаш не те изневерив. Како магла падната во природата скитав и те барав како питач кој го бара единствениот денар за парче леб, питачев и јас за тебе. те барав низ луѓето, прашував за тебе, копнеев по твојот лик...другите ме гледаа како луда, а кога се сожалија на лудата девојка ја дознав вистината. Те изгубив тебе, а со тоа и себе, се поради тебе.

Луѓето околу мене веруваа во твојата измислена лага, веруваа дека сум неверница и неблагодарна, плукаа на моето лице. Ја познаваш мојата гордост, знаеш дека е тоа најдрагоценото нешто за мене,затоа заминав и јас далеку од тебе. Го напуштив факултетот, но никогаш не ја напуштив болката која растеше во моето срце, немирот кој ме подсетуваше дека го делев животот со некој кој не ми веруваше, некој кој мене ме изневери“...

„Кормило“ - Кристина Стефановска

По првата поетска збирка „Разговор со тишината“ на Кристина Стефановска, во која поетесата се обидуваше да се пронајде себе си и својот стил на изразување, доаѓа „Кормило“ - како симбол на барање и пронаоѓање на патот, правецот кон иднината.

Младата (овој пат романсиерка)авторка покажува извонредна смелост и упорност да докаже дека е на вистинскиот пат, дека кормилото е во нејзините раце и ја води кон посакуваната цел, да прерасне во романописец со свои препознатливи квалитети.

Таа обработува тема, која во ова време е многу актуелна, па и премногу присатна. Веројатно нешто од тоа сама го доживеала и почувствувала, но пред се би рекол дека авторката била сведок и набљудувач кој знае добро да ги забележи збиднувањата околу себе, па тие ја инспирираат сето тоа успешно да го романизира.

Самиот наслов кормило асоцира на напорно барање, тешко одронување, ронење во длабочини и излегување на површина, низ една елегична, но и храбра животна сторија. Во тоа сигурно ќе и помогне кормилото, за кое младата авторка цврсто се фатила и се обидува дури и да го управува. Низ проблеми и тешкотии успева да доплива до посакуваната цел.

Кире Ангеловски за авторката Кристина Стефановска и нејзиниот роман „Кормило“

Романот „Кормило“ го претставува успешниот развој и творечка созреаност на еден млад автор. отсликувајќи ја реалноста на одредени луѓе, всушност го отсликува животот, каде и доброто и злото, убавото и грдото се неодминлив дел од истиот.

Кристина како кормилар прави баланс помеѓу добрите и лошите нешта надевајќи се на добро. Човекот се наоѓа во најразлични моменти во животот, понекогаш претешки за него, но најважно е во тие мигови на искушение да остане човек.

Кристина тргнала по вистинскиот пат, играта со зборови за неа не се проблем.

Даниела Петровска за „Кормило“ на Кристина Стефановска

http://www.odlican.com/d/5033-4/sreca+ili+spokojstvo.jpg
www.odlican.com/Sandrina Martinetti

niko650

Moderator

Таа ноќ кога плачев

Таа ноќ кога плачев
темни облаци на небо надвиснаа
и крупни дождовни капки
носеа се пред себе,

таа ноќ кога плачев
минатото, сегашноста
и иднината
во едно се споија,

сеќавања
испреплетени со радост и тага
и реалност на овој момент
кој околу мене мрежа плете

и копнеж и желба
за иднина
време пред мене.

Таа ноќ кога плaчев
ја почувствував семката
посадена од мојот живот
како рти во длабочината на мојата душа,

семето на мојот живот
кое животен цвет создава,
со мирис опојува
и лузните од животот ги зацелува

и молитва
рој зборови од усни излева,
небаре милост од Бога бара
и одговор на прашања безброј:

Може ли да се издржи и продолжи
кога на момент потклекнуваш?

Може ли радост да почувствуваш
кога храброст немаш
и на работ на очајот стоиш,
кога одекнува гласот на непознатото
и страв те преплавува во мислите?!

Господе послушај ја мојата молба,
желбите проткаени во неа
и благослов твој дај!

Посади среќа и мир,
добрина во срца милни,
насмевка на лице да блесне

и од солзите на очите уплашени
јато птици да се изведат
и во широт небесен
летот свој да го започнат!

Таа ноќ кога плачев,
мојата молитва
како дар небесен во моето срце се сви.

http://www.odlican.com/d/6611-5/Dom-ulazni+detalj.JPG
Liliana

niko650

Moderator

Тркало

Тркало
те носи
ту горе
ту долу.

Непишани закони
како клетва,
клетва се
на сопственото битие.

Ги проколнуваш.

Паѓаш,
паѓаш,
се креваш...

Горе, долу,
те носи
тркалото на животот.

„ Алка кованица“ од Дарка Ѓорѓиевска

Но, човекот никогаш не се предава. Надежта е како чекорење во иднината,она челичното во кревкоста. А,зборот е тој кој ја оплеменува душата и го осмислува животот...

http://www.odlican.com/d/10536-3/astroloski+sat.JPG
www.odlican.com/liliana

niko650

Moderator