
Книгата „Илјада и една ноќ“ претставува збирка од многу бајки, приказни, легенди поврзани со приказната за царот Шахријар, цар од Сасановскиот род, владетел на островите на Индија и на Кина, која е носечка и ги обединува сите други во целина. Бесмилосниот владетел, царот Шахријар, повреден од неверството на својата сопруга, заповедал секоја ноќ да му се доведува друга жена во постелата и наредното утро да биде погубена.
Шехерезада, досетливата ќерка на везирот, ја одбегнува таа судбина, така што на Шахријар секоја ноќ почнува да му раскажува интересна приказна и да ја прекинува на најинтересниот дел. Тоа раскажување траело 1001 ноќ, речиси три години, се додека кралот веќе не можел да го замисли животот без неа.Дотогаш веќе имале три деца, а по илјада и првата ноќ тој се одрекол од својот ужасен обичај да погубува млади девојки.
Приказните што ги раскажувала Шехерезада биле исполнети со многу фантазија и интересни и необични пресврти. Најубавите приказни, како што се: Аладин и волшебната ламба, Синбад морепловецот, Али Баба и четириесетте разбојници – и самостојно станаа дел од светските културни ризници.
Приказна за Шахријар и Шехерезада
Кога Шехерезада ја завршила приказната, таа била последната во тие илјада и една нок, Дуњазада се огласила од своето катче, и и рекла на сестра си:
- Колку убаво ги раскажуваш тие чудесни приказни!
- Не знам што мисли благочестивиот цар Шахријар за тоа, што велиш ти мила сестричке? – одговорила Шехерезада. Туку знам дека никогаш не ја прекршив дозволата негова, да продолжам со прикажувањето и кога ке одмине времето.
А царот и одговорил:
- Сите приказни и не само оваа што ни ја раскажа, се една од друга поубави. Чудесни се ликовите во нив и со нивните доживувања и со нивните душевни чувства и возбудувања.Чудесни се и поуките што ги имаат, поуки што ни доаѓаат од дамнешни народи и мудреци и цареви и не тераат сите длабоко да се замислиме за себеси и за дните во кои живееме. Од тие приказни, како роса во полето, живна и мојата душа. Па гледаш колку сум весел и радосен и наместо поранешната горчина, што ме доведе до кобното решение да му се одмаздувам на женскиот род, со погубување на девојките, сега само се радувам на она што е најубаво меѓу луѓето, на љубовта и разбирањето. А пак му благодарам на господа, што подари таков подарок, те испрати кај мене, да ми ги тргнеш облаците од моето чело, со зборови благи и питоми, сочни неповторливи!
Заблагодарувајки му се Шехерезада, му се поклонила на царот и на овие негови зборови исполнети со чувство, и со голема надеж дека ќе биде услишена, му се обрнала со следнава молба:
- Честити и благочестив царе, споменот за кого и гласот е раширен низ сиот свет, еве, јас твојата робинка, илјада и една ноќ ти раскажував приказни за луѓе што живееле во дамнешни времиња и за се на што можат да не поучат. И сега, имам желба да ти упатам една молба, надевајќи се на твојата широкоградост!
Царот и рекол:
–Побарај и ќе добиеш се што посакаш!
Тогаш таа нарачала да и ги донесат децата. Таа во тоа време му родила на царот три машки деца. И тогаш ги донеле децата, едното веќе од нив заодено, другото лазело, а третото било цицалче. Таа ги довела до царот и откако ја бакнала земјата пред него, му рекла:
- Честити царе, еве овие се твоите синови и те молам да не не убиеш, не заради мене туку заради децава. Ако ме убиеш, ќе останат сирачиња и никој не може да ги поучи и воспита, како нивната родена мајка.
Царот се облеал со солзи радосници и рекол:
- Знај, мила Шехерезадо, дека уште и пред да се родат нашиве деца те засакав, бидејќи увидов дека си умна, бистра, чиста, чедна, питома, без никаква подмолност, речита и со сите добродетели, што ги красат само најдобрите луѓе. И нека те благослови Господ и тебе и таткоти и мајкати и твојот сој!
И веднаш се раширил гласот за чудесниот настан, дека царот не ја погубил Шехерезада и дека засекогаш престанало погубувањето на девојките. А изутрината, царот испратил да се зберат сите емирати и везири, велможи, големци и военоначалници. Меѓу нив дошол и неговиот голем везир, татко и на Шехерезада. Тој на царот му се обрнал со длабока благодарност, дека се оженил за ќерка му, што била причина да се покае и не убива повеќе девојки. Патем ги наградил со раскошни облеки сите везири, емири, велможи и заповедал градот да биде украсен триесет дена и се што ќе потрошат луѓето тие денови, да биде платено од царското азно.
Веднаш бил испратен гласник и до братот на царот, царот Шахраман, бидејќи судбата така си поиграла со нив, со сето она што им го сториле првите жени. И го пречекале царот Шахраман со најголеми празнувања, со биење барабани, зурли и чампари и од нив и од извиците за царот што дошол, одекнувало низ сиот град. Во дворецот царот Шахријар му раскажал колку многу приказни се изнаслушал од Шехерезада, и секакви сказни, поговорки, шеги, стихови и песни. И му кажал дека толку ја засакал, што сега му е законита сопруга.
Царот Шахраман му честитал и си рекол дека и тој би го сторил истото, кога би можел да најде таква умна и убава жена. А пак Шехерезада, што го слушала тоа му рекла:
- Не грижи се, нема да мине многу време и ќе ти најдеме и за тебе убава, питома, умна и кротка жена.
И навистина, веднаш ја довела, по нејзиното испраќање на еден гласник, Дуњазада и царот Шахраман веднаш ја засакал со силна страст.
И царот Шахраман му рекол на царот Шахријар:
- Вака многу лесно ќе заборавиме на нашата некогашна несреќа. А несреќата продолжи што изгубивме верба во вистинската љубов. Па и јас, како тебе, му се одмаздував на женскиот род, земајќи навечер по една девока и изутрина погубувајќи ја. А сега, кога ќе си имаме жени какви што сакаме, ни на ум не ни доаѓа лошо да мислиме за женскиот род.
Туку пред да дојде свадбата, Шехерезада побарала брат му на Шахријар да остане постојано кај нив. А го побарала тоа од преголемо сакање на сестра си, бидејќи чинела, оти ако отиде сестра и далеку, срцето ќе и препукне за неа.
Царот Шахраман се согласил. А пак на неговиот престол го испратиле да владее големиот везир, таткото на Шехерезада и Дуњазада.
Царот Шахријар заповедал веднаш да се соберат најголемите мајстори за пишување со перо и им заповедал да ги забележат сите приказни, што ги раскажувала Шехерезада и сета таа низа од чудесни поуки и убавини ја нарекле: „Илјада и една ноќ“.
И потем сите тие, Шахријар и Шахраман, нивните сопруги, Шехерезада и Дуњазада, проживеале долги години во радост, слога, благосостојба и секој ден им бил празник за очите и за срцата.