Милост
Мајко Божја, Богородице!
Ти која по патот ме водиш
и ми подаваш рака,
цврсто за неа ме држиш
и секогаш велиш...
МОЖЕШ!
Се поклонувам длабоко пред тебе
и милост барам, со радост срце да ми исткаеш,
со среќа душа да ми налееш,
со љубов патот пред мене
да ми го постелеш.
Те чувствувам до мене,
твојата добрина и љубов
низ животот ко сенка ме пратат.
Од твојот лик и твоите очи
во моето срце
сал милост и блаженство се шири.
А твојот милозвучен глас
кој не го слушам, но го чувствувам
чудна моќ има.
Ти си моја духовна храна
и духовен пијалок кој го пијам
од духовната стена која не прати.
И те молам,
Мајко Божја, Богородице
ти која сееш духовна добрина,
научи не нас грешните
добрината со добрина да ја вратиме,
покажи ни како
лошото со добрина да го вратиме.
Бидејќи,
духот на завидливоста, љубомората
постојано за нешто и некого трага.
Скроти ги нашите мисли погрешни
и љубов ни дари,
Божји благослов!
И дај ни вера
во себе и се наоколу,
љубов ни дај
и надеж за подобро утре.
Дај ни мудрост и
како што вели Светото Писмо
мудрост чиста, мирољубива
нелицемерна, разумна,
полна со милосрдие и добри плодови.
Бидејќи плодот на праведноста и чесноста
се сее во мир.
И ќе го набере оној кој твори мир.
Благословена биди
Мајко Божја, Богородице!




